Федералната служба за безбедност на Русија тврди дека спречила обид за атентат врз висок државен функционер, јавија руските медиуми. Според новите информации, цел на нападот бил Сергеј Шојгу, главен советник за безбедност на рускиот претседател и поранешен министер за одбрана.
Времето било намерно избрано да биде 12 ноември 2025 година, годишнината од смртта на мајката на Шојгу, Александра.
Наводно, експлозивот требало да биде поставен во видеокамера скриена во вазна со цвеќе на гробот на неговите роднини, на московските гробишта Троекуровски. ФСБ соопшти дека нападот бил „планиран од украинските специјални служби“ и дека е спречен непосредно пред извршување.
ФСБ информирала дека се уапсени три лица – брачен пар од Русија и мигрант од Централна Азија.
Осомничените, според агенцијата, имале упатства од Шамса Јалолидин Курбанович, државјанка на Украина родена во 1979 година, која е веќе барана во Русија за убиство и нелегална трговија со оружје.
Понатаму, безбедносните служби тврдат дека во мобилните уреди на уапсените била пронајдена преписка преку апликациите „Ватс ап“ и „Сигнал“ со лице идентификувано како службеник на украинските специјални служби.
ФСБ исто така покажала докази за видеокамера сместена во вазна, опремена со далечински управувач и експлозивен механизам. Таа, според службата, требало да се активира во моментот кога Шојгу ќе пристапел кон гробот.
Од украинските власти засега нема реакција на тврдењата на Москва. Но, руските медиуми веќе го користат случајот како доказ за, како што велат, „терористички активности поддржани од Киев“.



























