Под влијание на серија влажни воздушни бранови, до крајот на седмицата, следува период на променливо облачно и релативно топло време, со повремени локални врнежи од дожд, соопшто Управата за хидрометеолошки работи (УХМР).
Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови во форма на невреме со засилен ветер (над 60 километри на час) и ретки грмежи. Во текот на следните 24 часа се очекува да наврне поголемо количество дожд (над 30 литри на метар квадратен. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Во Скопје, следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд кои во делови од котлината ќе бидат пообилни (15 до 25 литри на метар квадратен). Ќе дува умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец.
Метеопрогнозерот Славчо Попоски предупредува дека вечерва и особено од вторник Македонија ќе биде под влијание на циклон од Џенова кој ќе условува многу обилни врнежи во текот на целата недела. Тој вели дека постои опасност од подигање на нивото на реките и на езерата, бидејчи за некои места тој најавува неверојатни 400 литри дожд на квадратен метар.
– Сфатете го ова сериозно, бидејќи се работи за екстремно големо количество на воден талог – вели Попоски.
Во објава на Инстаграм Попоски исто така најавува дека можни се снежни наноси во пониските места уште од 22 ноември.