Албанија денес го отвори последниот, шести кластер во преговорите со Европската Унија, објави Европскиот совет.
Кластерот се состои од поглавја 11 (земјоделство и рурален развој), 12 (безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика), 13 (рибарство и аквакултура), 22 (регионална политика и координација на структурни инструменти) и 33 (финансиски и буџетски одредби), објави Брисел.
Албанија, која доби статус на кандидат во 2014 година, го отвори својот прв кластер во преговорите со ЕУ во октомври минатата година, што значи дека ги отвори сите кластери за околу една година.
„Проширувањето е геополитичка неопходност за ЕУ. И клучен приоритет за данското претседателство. Пристапувањето на нашите партнери од Западен Балкан по завршувањето на потребните реформи е од големо значење. Денешниот чекор на отворање на последниот преговарачки кластер со Албанија ја покажува посветеноста на земјата за понатамошно унапредување на својот пат кон членство во ЕУ“, изјави данската министерка за европски прашања, Мари Бјер.
Албанскиот премиер Еди Рама го опиша отворањето на последниот преговарачки кластер како „рекордно достигнување“ и дека ништо нема да го спречи патот на Албанија кон членство во ЕУ во 2030 година и дека целта на владата е да го заврши процесот на преговори до 2027 година.



























