Најмалку девет лица загинаа, а 32 се ранети во експлозија во полициска станица во делот од Кашмир што е под индиска контрола.
Експлозијата се случила случајно, соопшти денес локалната полиција.
Експлозијата се случила во градот Срингар, кога тим од форензички експерти и полицајци ги испитувале експлозивите доцна синоќа, изјави генералниот директор на полицијата.
Тој изјави дека станува збор за несреќа и ја исклучи можноста за напад.
Повеќето од загинатите биле полицајци и форензички службеници, а некои од повредените се во критична состојба.
Експлозијата ја запали полициската станица, како и неколку полициски возила.
Се случи неколку дена по експлозијата на автомобил во Њу Делхи, која индиските власти ја опишаа како „грозоморен терористички инцидент“ извршен од „антинационални сили“.
Експлозијата, во која загинаа најмалку осум лица, се случи неколку часа откако полицијата во Кашмир соопшти дека разбила милитантна ќелија, уапсила најмалку седум лица, вклучувајќи двајца лекари, и запленила голема количина материјали за производство на бомби во градот Фаридабад, во близина на Њу Делхи.
Полицијата ги донесе запленетите експлозивни средства во Кашмир и тие беа чувани на отворен простор во полициската станица.
Индиските безбедносни агенции оттогаш спроведоа серија рации во Кашмир како дел од истрагата за експлозијата на автомобилот и испрашаа стотици луѓе и приведоа десетици.
Индија и Пакистан администрираат дел од Кашмир, но двете страни тврдат дека ја поседуваат целата територија.
Вооружените групи во делот од Кашмир, кој е под контрола на Индија, се борат против владата на Њу Делхи од 1989 година.
Индија тврди дека се спонзорирани од Пакистан, кој ги негира обвинувањата.
Многу Кашмирци веруваат дека милитантите легитимно се борат за слобода.




























