Вселенското летало „Шенжоу-20“ е прогласено за несоодветно за безбедно враќање на астронаутите, така што ќе остане во Вселената и ќе продолжи со научни експерименти, соопшти Кинеската вселенска агенција за летање со човечка посада (КМСА).
Враќањето, првично закажано за 5 ноември, беше одложено поради сомневање за мал удар од вселенски отпадоци (остатоци од други летала) врз вселенското летало „Шенжоу-20“.
На прозорецот од капсулата, имено, се пронајдени мали пукнатини, најверојатно предизвикани од удар од вселенски отпад. Затоа, екипажот на „Шенжоу-20“ ќе се врати на Земјата со вселенското летало „Шенжоу-21“. Астронаутите Чен Донг, Чен Жонгруи и Ванг Џие се во добра состојба, а сите системи за враќање на посадата се целосно подготвени, соопшти КМСА.
Кинеските власти претходно соопштија дека нивната вселенска станица „Тијангонг“ работи нормално и може да ги прими двата тима од Кина во Земјината Орбита. Новата можност за враќање е в петок, на местото за слетување „Донгфенг“ во Внатрешна Монголија.



























