Авион од типот „Ер трактор АТ-802“, со турска регистрација, се урна во Хрватска, а телото на пилотот е пронајдено на местото на несреќата, пренесуваат хрватските медиуми.
Според првичните информации, леталото исчезнало од радарот околу 17:10 часот, по што бил активиран оперативниот центар за цивилна заштита. Авионот се урнал на планински терен во близина на Госпиќ, каде што спасувачките екипи го пронашле целосно опожарен.
– Денес, на 13 ноември 2025 година, во 16:53 часот, хрватската контрола на летање пријави исчезнување од радарот на турскиот авион „Ер Трактор АТ-802“, кој бил на повратен лет од Риека кон Загреб и назад. Веднаш беше започната операција за пребарување и спасување – соопштија од Регионалната канцеларија за цивилна заштита во Госпиќ.
Околу 18:00 часот, екипите на терен го лоцирале местото на падот, каде што го пронашле авионот во пламен.
Според информациите, два турски авиони летале во насока Риека–Загреб, но поради густа магла едниот бил принуден да слета на аеродромот на Крк, додека вториот се изгубил од радарот и подоцна се урнал.
Причините за несреќата засега не се познати, а истрагата е во тек.



























