Минималната плата ќе се зголеми само ако за тоа се создадени законски услови. Не се планирани ниту мерки за цените, а наскоро ќе се објави потрошувачката кошничка.
Ова денеска го изјави министерот за економија Бесар Дурмиши кој рече дека сите интервентни мерки влијаат на зголемување на инфлацијатаа, а тоа владата не сака да се случи.
Тој рече дека не е планирано интервентно зголемување на минималната плата бидејќи таа се зголемува законски еднаш годишно.
– Да одиме на притисокот кој што ни го прават синдикатите, ние со таа одлука ќе вршиме притисок на малите и средните претпријатија, каде што врз тој притисок тие ќе немаат финансиски средства да ги платат своите работници. Ќе бидат на некој начин да кажеме, принудени да го намалат бројот на работници – рече Дурмиши.
Во март годинава минималната плата се зголеми за околу 2.000 денари и сега изнесува 24.400 денари.
Министерот вели дека засега нема да има мерки за цените, бидејќи нема потреба од тоа.
-Не гледам причина зошто да донесеме одлука за замрзнување или ограничување на бруто-профитната маржа на трговија на големо или трговија на мало 10%, како што го правевме ова минатата година. Тука сме, ги анализираме цените, го анализираме пазарот секојдневно. Ќе видиме ако има потреба ќе донесеме одлука – рече Дурмиши.
Тој , како што рече, до крајот на месецот ќе го свика Економско социјалниот совет на кој ќе се прецизираат и владините просечни потрошувачки кошнички.



























