Од денеска ЈП Македонски шуми полесно ќе ги следи тековите на дрва и шумските пожари, но и ќе го мапира биодиверзитетот во шумите и поефикасно ќе може да ги планира шумите. Стартува со работа Интегрираниот информациски систем за шуми (IFIS).
Системот е дел до реформите во секторот шумарство финансиран од Европската унија.
Според министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, Интегрираниот информациски систем за шуми (IFIS) означува историска пресвртница во дигитализацијата на македонскиот шумарски сектор.
-Ова означува значаен пресврт од застарени процеси базирани на хартија кон целосно дигитален пристап базиран на податоци. Со IFIS, градиме поодговорен систем за шумарство – изјави Трипуновски.
Тој додаде дека проектот покажува колку земјава е посветена да изгради модерен шумски сектор..
– Овој проект е доказ за нашата заедничка посветеност на Владата и Европската Унија да изградиме шумарски сектор кој е модерен, транспарентен, усогласен со стандардите на ЕУ и одржлив за идните генерации – рече Трипуновски.
Тој вети дека Министерството ќе продолжи да го движи овој процес напред – во партнерство со експерти, институции за да се обезбеди долгорочна одржливост, конкурентност и кредибилитет на шумарскиот сектор. Процесот на реформи продолжува, стои во изјавата на министерот.
Во март годинава беа направени обуки на вработени за употреба на системот, мобилните апликации, како и дигитални алатки за подобрен мониторинг и управување со шумите.



























