Премиерот Виктор Орбан остро ѝ се спротивстави на Европската Унија, порачувајќи дека Унгарија нема да прифати ниту еден мигрант сè додека на власт има патриотска влада.
– Брисел издаде наредба. Миграцискиот пакт се активира. Би сакал еднаш засекогаш да бидам јасен: сè додека Унгарија има патриотска Влада, нема да го примениме пактот за миграција – изјави Орбан во видео порака објавена на Фејсбук, пренесува унгарската новинска агенција МТИ.
Со оваа порака, Орбан повторно ја потврди долгогодишната позиција на Будимпешта против заедничката миграциска политика на ЕУ.
– Ние нема да прифатиме мигранти и нема да дадеме ниту едно евро за тоа – категорично рече тој.
Миграцискиот пакт на Европската Унија, кој треба да почне да се применува во јуни 2026 година, предвидува нови правила за управување со приливот на мигранти, како и праведна распределба на одговорностите меѓу земјите членки. Брисел тврди дека пактот ќе создаде „балансиран систем на солидарност“, но неколку држави, меѓу кои и Унгарија, сметаат дека мерките се наметнати и го поткопуваат националниот суверенитет.
Орбан веќе најави дека неговата влада ќе продолжи да ја брани унгарската граница и дека нема да дозволи европски институции да одлучуваат за тоа кој може да влезе во земјата.



























