Не стивнуваат реакциите по објавувањето на видеото на кое се гледа лекарот Ненад Цоневски од Македонија, вработен на Воено-медицинската академија во Софија, како прегазува куче излегувајќи со возилото од зграда.
Според бугарските медиуми, докторот Цоневски бил испрашуван во 3-та регионална станица на Полициската управа во Софија, по што бил ослободен. Против него е покрената постапка и привремено е суспедиран од работното место во Воено-медицинската академија, додека трае истрагата.
Според бугарскиот Кривичен законик, доколку се докаже вина, му се заканува казна затвор до пет години за сурово постапување кон животни.
На снимките од надзорните камери се гледа како човекот со автомобил го прегазува кучето, излегува од автомобилот, го набљудува повреденото животно, а потоа повторно влегува во возилото и заминува, минувајќи и со задните тркала преку неговото тело.
Инцидентот предизвика лавина реакции во јавноста и бурни осуди на социјалните мрежи. Покрената е он-лајн петиција со која се бара затворска казна за хирургот со повеќе од 200.000 потписи.
Жителите од маалото, кои се грижеле за кучката Маја, стара 12 години и позната како мирна и кротка, организираа протест со барање сторителот да биде најстрого казнет. На местото на настанот, соседите испишале натпис „Убиец“ на гаражата во која паркирал.
„Како може доктор кој треба да спасува животи да направи нешто толку сурово? Шокирана сум,“ изјави една од жителките во зградата.
Очевидци тврдат дека Цоневски набрзо по инцидентот се иселил од станот во кој живеел под кирија околу 4 месеци. Според бугарски „Телеграф“, тој се вратил кај своите родители во неговиот роден град Делчево, откако ја преминал границата со својот македонски пасош. Весникот тврди деа Цоневски имал двојно државјанство, бугарско и македонско.
Во меѓувреме во македонскатаа јавност се појави он-лајн група за поддршка на д-р Цоневски, која објави писмо во кое се нагласува дека тој е успешен лекар, експерт за торакална хирургија, кој спасил многу човечки животи. Познат е по својата посветеност, хуманост и скромност, што особено дошло до израз за време на трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде, како што се пишува во објавата, „беше меѓу првите кои понудија помош —од транспортот на повредените на аеродром до давање медицински информации на семејствата, а донираше и крв и финансиски средства за повредените македонски деца низ цела Бугарија“. Групата апелира до јавноста да се воздржи од осуди и навреди и да земе предвид дека неговата ненамерна грешка, била резултат на збунетост, која може да му се случи на секој возач.




























