Основниот кривичен суд ќе преземе сè што е неопходно за да се обезбеди што е можно побрзо и поефикасно судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Lorita
By Lorita
5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
epa11967963 Investigators look into the 'Club Pulse' nightclub after a fire in Kocani, Republic of North Macedonia, 16 March 2025. A fire at a discotheque in Kocani in the early hours of 16 March 2025 claimed the lives of at least 50 people and left over 100 injured, according to initial reports from the Directorate for Protection and Rescue and the Center for Crisis Management. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
- Advertisement -
Ad image

Основниот кривичен суд ќе преземе сè што е неопходно за да се обезбеди што е можно побрзо и поефикасно судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, информираше денеска в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Даниела Димовска на брифинг за медиумите за техничките предизвици и организациската поставеност за текот на судењето. На брифингот присуствуваа и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на Адвокатската комора Љубомир Михајловски, кои, исто така, се обврзаа дека обвинителите и адвокатите ќе сторат сè што е во интерес постапката да се одвива непречено и без застој.

Судењето за големата трагедија што се случи на 16 март, во која загинаа 63 претежно млади луѓе, од кои 6 малолетници, а беа повредени 211, од кои 157 потешко, ќе почне во среда, на 19 ноември. Процесот ќе го суди судијката Диана Груевска Илиевска .

Судењето ќе се одржува во големата дигитализирана судница која е во рамките на затворот „Идризово“.

Според обемот, бројот на обвинетите, бројот на оштетените, кои се над 200, големината на трагедијата, интересот на јавноста, судењето за предметот „Кочани“ ќе биде едно од најголемите досега.

Претседателката на Судот Димовска нагласи дека ќе се одржуваат по две рочишта неделно. Таа апелираше да нема одложувања и најави дека строго ќе ги контролираат лекарските оправдувања и другата медицинска документација, со која учесниците во процесот ќе бараат одложување од здравствени причини. Рече дека внимавале на возраста на поротниците во судечкиот совет, затоа што ним мандатот им престанува на возраст од 60 години. Додаде дека за предметот имаат назначен резервен поротник, како и резервен записничар, за да нема застој на судењето. Димовска апелираше до бранителите, барањата во текот на процесот да ги упатуваат до кривичниот совет, надвор од главната расправа, а не до судечкиот совет, исто така, со цел да нема застој.

Обвинителот Коцевски рече дека нема да дозволат ниту едно рочиште да биде одложено по вина на обвинителството и дека обвинението ќе го застапуваат 15 обвинители. Објасни дека сите обвинители ќе бидат присутни на првото рочиште, а потоа ќе доаѓаат по потреба, како што налага динамиката на процесот. Обвинителите, објасни Коцевски истрагата ја водеа по сектори, на пример, локална самоуправа, заштита од пожари итн., па на судењето ќе доаѓаат соодветно на тоа кој дел од доказите ќе се изведуваат.

Претседателот на Адвокатската комора Михајловски рече дека ги цени напорите на судот да го организира судењето и смета и дека на адвокатите ќе им се овозможат услови за работа. Тој нагласи дека во процесот ќе има многу адвокати, затоа што тие се јавуваат и како бранители на обвинетите и како полномошници на оштетените. Нагласи дека сите разговарале во Адвокатската комора и зазеле став дека мора да се однесуваат така да не се успорува судењето, како и да не се крши Законот за кривичната постапка.

Знаеме дека во судница ќе има правна борба, рече Михајловски, но во судечкиот совет се искусни судии и ако странките ги почитуваат правилата, ќе имаме квалитетно судење. Додаде и дека медиумите имаат одговорност да пренесуваат точно што се случува во судницата, со оглед на огромната заинтересираност на јавноста. Михајловски потенцираше дека одговорност на Судот е да ја обезбеди безбедноста во судницата, но, како што додаде, не очекуваат физички напади. Очекуваме ред и дисциплина, потенцираше тој.

За пожарот се обвинети 34 физички лица и 3 правни лица. Обвинението, поднесено во јуни, сите ги товари за истото кривично дело Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 2, во врска со член 288 став 3 од Кривичниот законик. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, меѓу кои генерален секретар и двајца поранешни министри за економија, тројца овластени градежни инспектори во Кочани, припадници на обезбедувањето … Првообвинети, во својство на одговорни лица, се сопственикот и управителите на правното лице „Класик ДМ“, чија подружница е „Кабаре Пулс“, каде што се случи пожарот.

- Advertisement -
Ad image

Катастрофалниот пожарот во дискотеката „Пулс“ настана од пиротехника, за време на концертот на популарниот бенд ДНК, чии членови загинаа.

Share This Article