Спогодба за отворање на претставништво на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Скопје е потпишана денеска по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со потпретседателот на Банката, Роберт Де Грот

Lorita
By Lorita
5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Спогодба за отворање на претставништво на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Скопје е потпишана денеска по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со потпретседателот на Банката, Роберт Де Грот.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција со Де Грот во Владата по потпишувањето на документот истакна дека овој чин претставува значаен чекор во продлабочувањето на врските со Европската Унија и унапредување на партнерството со европските институции, нагласувајќи дека од независноста до денес ЕИБ има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата.

– Ова е силна потврда на довербата која оваа организација и Европската Унија ја имаат во нашата држава и во нејзиниот економски потенцијал – истакна Муцунски.

Министерот посочи дека отворањето на ова претставништво ќе овозможи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и уште поголем пристап до техничка и финансиска поддршка кои овие европски институции ги нудат.

– Од денеска, ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и до македонските компании – давајќи им поддршка за реализација на нивните развојни инвестиции и проекти. Поблиското присуство на ЕИБ претставува јасен сигнал дека нашата држава се движи во насока на модерна, европска и конкурентна економија, отворена за инвестиции и ориентирана кон долгорочен и одржлив раст. Новата фаза на соработка во која влегуваме денес се совпаѓа со стратешките цели на Владата, забрзување на економската трансформација, поддршка на зелената транзиција, интеграција во европскиот економски и финансиски простор и усвојување на европските успешни практики и стандарди. Нашата заложба останува јасна, да создадеме услови за стабилен раст, нови инвестиции, зголемена конкурентност и поквалитетни услови за живот на граѓаните – рече Муцунски.

Де Грот истакна дека е голема чест да се биде во држава, во која ЕИБ е активна со децении, почнувајќи со финансирањето пред многу години на железниците и додаде дека денеска слават една нова одредница, а тоа е потпишувањето на Договор со земја-домаќин.

– Навистина ми е драго што ги формализиравме односите на нашето претставништво и луѓето коишто ги имаме во нашето претставништво во Скопје. Од 1991 година, ние имаме договорено инвестиции од повеќе од 1,6 милијарди евра за поддржување на економијата, инфраструктурата, општините, како и малите и средните претпријатија, но потребно е и да го олесниме нивниот пристап до заеми. Ние навистина сме посветени на ова застапништво. Тоа го започнавме уште во 2022 година и сакаме да биде дел од пристапното патување на земјата, заедно со делегацијата на ЕУ – посочи потпретседателот на ЕИБ.

Тој изрази задоволство што соработката ќе продолжи со досегашниот интензитет во повеќе области, како енергетиката, транспорт, поврзување, транзиција кон обновливи извори на енергија, не само во државава, туку и во соседните земји, при штo особен акцент стави на сигурното снабдување со вода и санитетски услуги.

– Она што е од наш особен интерес е третирањето на отпадните води, особено во главниот град – додаде Де Грот.

- Advertisement -
Ad image

Партнерството со ЕИБ обезбедува многу средства за малите и средни претпријатија, а Банката нуди и помош и поддршка за создавање нови проекти и за пренос на знаења во секторите.

– А ова формално препознавање на статусот на ЕИБ во Северна Македонија ќе ни овозможи да ја продлабочиме врската, но и нашето портфолио да порасне во согласност со приоритетите на Владата. Како дел од тим Европа и од новиот план за раст на ЕК, подготвени сме да ги поддржиме нашите македонски партнери при испорачувањето на проекти коишто ќе имаат силно влијание и ќе промовираат одржлив развој, поврзување, зелена транзиција, како и подобрени здравствени и образовни услуги во полза на граѓаните. Уверен сум дека заедно може да изградиме посилна, поцврста иднина за Северна Македонија и да помогнеме на вашиот пат кон пристапување кон ЕУ – додаде Де Грот.

Share This Article