Градското собрание на Загреб вчера усвои резолуција со која го повикува градоначалникот да преземе мерки за спречување на употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучувајќи го и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот.
Одлуката се однесува на површините управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани.
Советниците рекоа дека целта е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност, објави Индекс.
Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, денеска изјави дека употребата на усташки симболи во просторите управувани од Градот Загреб ќе биде забранета, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон, познат по промовирањето на усташките во своите песни, сепак ќе се одржи на 27 декември, бидејќи претходно е потпишан договор за него.
Претседателката на клубот на советници „Можеме“, Ива Ившиќ, истакна дека заклучокот се темели на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска, како и на ставовите на Уставниот суд и на Европскиот суд за човекови права.
– Уставниот суд јасно наведе дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот „Шимуниќ против Хрватска“ утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слободата на изразување, бидејќи поттикнува омраза – потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слободата на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
– Во Градот Загреб не сме загрижени дали ќе има концерт или не, туку што е неуставно – а тоа е усташкиот поздрав „За дом спремни“. Ако има, тоа ќе биде одлука на Томпсон и на неговиот менаџмент – рече Томашевиќ.
Градоначалникот Томашевиќ изјави дека секој што смета дека заклучокот на Градското собрание е нелегален, може да користи законски механизми за да го оспори.




























