Министерството за дигитална трансформација е институција што ја предводи реализацијата на клучните реформски чекори, а тоа е нотирано и од Европскиот извештај за Македонија, посочи денеска министерот за доготална трансформација, Стефан Андоновски на панел-дискусија во Стопанската комора на тема „Планот за раст за Западен Балкан и националната Реформска агенда – зошто се важни за бизнис секторот“.
Министерот Андоновски во обраќањето истакна дека токму дигиталните реформи придонесоа Македонија да ги исполни обврските во првиот пакет на Реформската агенда.
Тој ја нагласи оценката од Европската комисија, според која државата постигнала „видлив и мерлив напредок во сајбер-безбедноста, дигиталните услуги и интероперабилноста“, а Министерството за дигитална трансформација е препознаено како институција која „обезбедува стабилна основа за брза и координирана имплементација на европските стандарди“.
Андоновски потсети дека во изминатата година Министерството ги реализираше реформите што беа предуслов за отворање на нов финансиски простор од Планот за раст, меѓу кои: Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со NIS2; Законот за електронска архива, Законот за електронска идентификација и унапредувања на Националната платформа за интероперабилност; Нови дигитални услуги преку порталот uslugi.gov.mk.
Министерот посочи дека овие резултати не се административни чекори, туку конкретни подобрувања кои го намалуваат административниот товар за компаниите, ги скратуваат процедурите и создаваат повисоко ниво на предвидливост во деловното опкружување.
– Нашата цел е да создадеме дигитална држава што им овозможува на компаниите да работат поефикасно, со пониски трошоци и со услови што се приближуваат до европскиот единствен пазар – изјави Андоновски.
Министерот посочи дека Планот за раст на Западен Балкан носи можности за подлабока економска интеграција, а дигиталната компонента е една од клучните.
– Министерството веќе работи на: Засилена интероперабилност; Вклучување во регионални дигитални инфраструктури и суперкомпјутерски капацитети; Поддршка на МСП преку Европскиот дигитален иновациски хаб INNOFEIT EDIH; Развој на Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“ – рече Андоновски.
Настанот го организираше Стопанската комора, а на панелот учествуваа претставници од бизнис секторот, граѓанскиот сектор, Министерството за европски прашања и од Министерството за дигитална трансформација.




























