Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за првпат по шпекулациите за расправија со Владимир Путин, дал отворено интервју за агенцијата РИА новости. Со смирен тон и внимателен избор на зборови, тој порачал дека Русија и САД го продолжуваат билатералниот дијалог, иако „не со брзина каква што би сакале“, јави агенцијата.
Интервјуто на Лавров доаѓа откако беа откажани средбите со неговиот американски колега во Будимпешта како можна рунда преговори за мир во Украина. Некои медиуми шпекулираа и дека Лавров наводно го изгубил влијанието кај Путин по неуспешниот обид за организирање средба со Доналд Трамп во Будимпешта.
Сепак, во интервјуто, Лавров истакнал дека Москва е подготвена за лична средба со американскиот државен секретар Марк Рубио, нагласувајќи ја „важноста на редовната комуникација“.
– Државниот секретар Марко Рубио и јас ја разбираме потребата од редовна комуникација. Ова е важно за дискусија за украинското прашање и за унапредување на билатералната агенда. Затоа комуницираме преку телефон и сме подготвени да одржуваме состаноци лично кога е потребно – рече Лавров.
Дипломатот потсетил дека двете земји веќе одржале две рунди разговори, во кои се постигнати договори за подобрување на условите во дипломатските претставништва.
– Сметаме дека треба да се оди понатаму од тие прашања. Потребно е да се воспостави директна воздушна линија и да се врати рускиот дипломатски имот што ни го одзеде Барак Обама во 2016 година – изјави Лавров.
Понатаму објаснил дека Москва сè уште чека одговор од американската страна за предлозите околу дипломатскиот имот и за авионските врски.
– Работните контакти се во тек. Очекуваме напредок наскоро – додал тој.
Некои аналитичари забележуваат дека Лавров, некогаш нарекуван „господин њет“, сега користи помирлив тон. Други велат дека тоа може да биде сигнал дека Кремљ се обидува да спушти тензиите со Вашингтон по несогласувањата во врска со војната во Украина.
Лавров вчера изјави дека се работи на подготовка на предлог за потенцијален руски нуклеарен тест по наредба на рускиот претседател Владимир Путин, објави државната новинска агенција ТАСС.
Сепак, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Путин не дал наредба да се отпочне со такви припреми.
Трамп минатата недела изјави дека му наредил на Пентагон да започне со тестирање на американското нуклеарно оружје „на рамноправна основа“ како одговор на „програмите за тестирање на други земји“.




























