Илија Стоилев, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, е уапсен денеска под сомнение за земање мито, во акција што ја водеше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК и единиците на МВР денеска вршеа претреси на повеќе локации низ земјава поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа.
Во Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството и руралниот развој попладнево беа влезени тимови на Управата за финансиска полиција, екипи на МВР како и истражители.
Неофицијално, се работи за акција по пријава за земено мито од страна на директорот Стоилев од апликант, за да му се додели договор за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД.
Како што дознаваме, барањето за мито апликантот го пријавил во МВР, по што му биле дадени обележани банкноти, со чија помош директорот е фатен „ин флагранте“ при земањето на митото.
Апликантот, кој го пријавил случајот и учестувал во фаќањето на корумпираниот функционер, е поранешен министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Илија Стоилев, роден 1967 година во Свети Николе, е именуван на функцијата директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во јули 2024 година.
По образование е дипломиран земјоделски инжинер, отсек сточарство, а работел како наставник по стручни предмети од областа на земјоделство и ветеринарство во СОУ Кочо Рацин – Свети Николе, а потоа бил професор на Земјоделски Факултет УКИМ Скопје.
Како политички активен, Илија Стоилев бил претседател на Совет на Општина Свети Николе во два мандата, директор на Народен музеј – Свети Николе, раководител во подрачна единица на Министерството за земјоделство, како и претседател на Комисија за воведување/предавање на владение на договори за закуп на земјоделско земјиште.




























