34-годишен затвореник од Струга и 46-годишна жена од Велес се пријавени за измама и злоупотреба на лични податоци, откако со лажни документи подигнале повеќе кредити и пари од банкомати на туѓо име.
Според информациите од полицијата, осуденикот П.С., кој ја издржува својата казна во Затворот „Идризово“, заедно со Т.К. од Велес, во текот на април и мај оваа година довеле во заблуда жена од Штип и неовластено ги прибавиле нејзините лични податоци. Со тие податоци, двајцата аплицирале за седум потрошувачки кредити во различни финансиски друштва, во вкупен износ од 227.500 денари.
Полицијата соопшти дека жената дополнително ги злоупотребила и податоците од банкарската картичка на оштетената, со што извршила 11 незаконски трансакции на банкомати во Велес и Штип и подигнала вкупно 214.000 денари.
– СВР Штип поднесе кривична пријава против лицата П.С. и Т.К. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ – велат од МВР.
Според полицијата, истрагата е во тек, а собраните докази укажуваат дека двајцата осомничени дејствувале со намера да се стекнат со противправна имотна корист.



























