Американскиот воздушен сообраќај се соочува со најголемата криза во последната деценија

Lorita
By Lorita
2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Американскиот воздушен сообраќај се соочува со најголемата криза во последната деценија. Поради блокадата на федералната влада и недостигот од финансирање, илјадници контролори на летови и службеници за безбедност работат без плата, што веќе предизвикува масовни доцнења и откажувања на летови низ земјата.

Министерот за сообраќај Џон Дафи изјави дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп ќе го затвори целиот американски воздушен систем ако се процени дека ситуацијата станала небезбедна.

– Ќе го затвориме целиот воздушен простор ако процениме дека ситуацијата е ризична. Нема да дозволиме луѓето да патуваат додека не бидеме сигурни во безбедноста, рече Дафи за CNBC, додавајќи дека моментално има „значителни доцнења“ на летови и „зголемен ризик“ поради блокадата.

Блокадата, која трае повеќе од еден месец, ги остави без редовни примања околу 13.000 контролори на воздушен сообраќај и над 50.000 службеници на Агенцијата за безбедност на транспортот (TSA). Дел од нив не доаѓаат на работа поради замор, боледувања или финансиски притисок, што доведе до сериозен недостиг на кадар во најпрометните аеродроми, меѓу кои Њујорк, Атланта и Лос Анџелес.

Извршниот директор на „United Airlines“, Скот Кирби, предупреди дека блокадата веќе влијае врз резервациите и патничкиот сообраќај, особено со приближувањето на празничната сезона.

Според податоците на американските медиуми, доцнењата на летови се дури десет пати почести отколку во нормални услови, а дел од контролните центри работат со само половина од потребниот број контролори.

Иако Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) уверува дека засега нема сериозни безбедносни инциденти, експертите предупредуваат дека системот работи на раб на издржливост и дека секое продолжување на блокадата може да доведе до целосен застој на авионскиот сообраќај.

Дафи нагласи дека нема намера да отпушта контролори кои се на боледување.
– Тие се обидуваат да ги издржуваат своите семејства. Ќе ги замолам сите да се вратат на работа, додаде тој.

Сојузните власти најавуваат дека приоритет ќе биде враќањето на стабилноста во воздушниот систем, но без политички договор за финансирање – ризикот за целосен застој на летовите останува реален.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article