Евидентирани се вкупно 19.287 неважечки гласачки ливчиња во вториот круг на локалните избори за градоначалници, кој се одржа на 2 ноември во 33 општини. Овој број неважечки ливчиња е 5,6 отсто од сите употребени ливчиња.
На гласање вчера излегоа вкупно 345.525 гласачи.
Во Град Скопје, од 167.575 гласачи, 10.528 ливчиња се неважечки, што е 6,3 отсто од вкупниот број. Тоа значи дека речиси секое шеснаесетто ливче во Скопје било неважечко.
Излезноста во Скопје во вториот круг изнесуваше 35,33 проценти, а на национално ниво 47,16 проценти.
Во првиот круг од изборите за градоначалници, што се одржа на 19 октомври, од 885.085 гласачи, 53.724 ливчиња беа неважечки, што е околу 6,1 отсто. Излезноста во тој круг изнесуваше 48,30 проценти. За изборот на градоначалник на Град Скопје во првиот круг, од 232.581 гласачи, беа евидентирани 12.359 неважечки ливчиња, а излезноста изнесуваше 49,04 проценти.
							
								
			



                               















		
		
		
		
		






