Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, денеска даде јавна поддршка за кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, за негов втор градоначалнички мандат.
Зајкова порача дека граѓаните треба да се определат за луѓе кои носат резултати, одговорност и отчетност, а не за оние што нудат празни ветувања.
– Одејќи накај Собрание, бидејќи работиме на новиот Предлог-закон за комунална полиција, наидов на предизборните активности на кандидатот за градоначалник на општината во која живеам. Водејќи се од визијата дека на граѓаните им се потребни искусни луѓе кои испорачуваат резултати, а не изговори, упатувам особен повик до сите граѓани кои во првиот круг гласаа за кандидати кои не влегоа во вториот круг – поддржете кандидат кој ги разбира вашите потреби, кој со своето искуство и посветеност ќе испорача повеќе резултати и веднаш ќе започне со работа – порача Зајкова во објава на Фејсбук.
Таа нагласи дека со поддршката на Герасимовски сака да испрати порака дека Центар заслужува продолжување на проектите кои веќе се започнати, но и реализација на нови решенија во интерес на сите граѓани.
– Затоа давам поддршка за луѓе како Горан, кои ја препознаваат граѓанската визија, имаат искуство и се подготвени да работат посветено за доброто на заедницата. Сега е моментот да избереме резултати, одговорност и отчетност, а не празни ветувања – додаде Зајкова.



























