Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, против неговиот заменик и уште петмина вработени во АХВ за проневера во службата.
„СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против З.А., поранешен директор на АХВ, поради сомнение за сторено кривично дело Проневера во службата, по член 354 став 1 од Кривичниот законик и против Ф.М. поранешен заменик директор во агенцијата за истото дело, како и против Л.У., А.Р., Е.Т., А.Б. и А.Б., вработени во АХВ поради сомнение за сторено кривично дело Проневера во службата, по член 354, а во врска со член 24 од КЗ, Помагање. З.А. во својство на директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, во периодот од 2017 до 2020 година, во повеќе наврати, со намера противправно да прибави за себе парични средства кои му биле доверени во службата, за службени патувања во странство на кои истиот присуствувал, примал дневници во висина од 50%, иако согласно Уредбата за изменување на Уредбата за издатоците на службени патувања и службени патувања во странство требало да прима само 20%, бидејќи трошоците за сместување и исхрана не паѓале на товар на институцијата“, соопшти полицијата.
Ф.М. во својство на заменик директор на Агенцијата за храна и ветеринарство со потпишување на решенијата за одобрување на службени патувања во странство му помогнал на З.А. противправно да ги присвои парите, се додава во соопштението.
„Л.А., А.Р. и Е.Т. во повеќе наврати, спротивно на наведената Уредба, изготвиле решенија за одобрување на службено патување во странство на име на З.А.. Врз основа на тие решенија А.Б. и А.Б. одобриле исплаќање на паричните средства, иако знаеле и биле свесни дека решенијата не се донесени согласно Уредбата. Тие постапиле по решенијата и му ги исплатиле парите, со што му помогнале на З.А. да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 62.530 денари, а на штета на буџетот на Агенцијата за храна и ветеринарство“, соопшти полицијата.



























