Background

Славески најави нов систем на инстант плаќање

Интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка, изјави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески на отворањето на Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера”.

– Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации – рече Славески.

Тој потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.

- Advertisement -
Ad image

Славески рече и дека нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.

Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот.

Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.

Гувернерот најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.

– Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот – рече гувернерот.

Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.

Според него,  успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.

-Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата – рече Славески.

Во рамки на Конференцијата ќе се одржат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот.

Конференцијата ја организира Народната банка во соработка со Централната банка на Холандија.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation