Неколку месеци откако ја претстави првата министерка создадена со вештачка интелигенција, премиерот на Албанија, Еди Рама, повторно го привлече вниманието на јавноста со необична изјава. На Глобалниот дијалог (БГД) во Берлин, тој изјави дека виртуелната министерка Диела е „бремена“ и ќе „роди“ 83 „деца“ – по едно за секој пратеник од Социјалистичката партија.
– Презедовме доста голем ризик со Диела и се снајдовме многу добро. Првпат Диела е бремена и ќе има 83 деца – рече Рама со насмевка, додавајќи дека новите дигитални помошници ќе бидат воведени во секој кабинет на пратениците.
Според него, „децата“, односно дигиталните асистенти, ќе ја користат вештачката интелигенција за да документираат парламентарни постапки, да ги следат дискусиите и да ги информираат пратениците за сите настани на кои не можеле да присуствуваат.
– Секое од нив ќе служи како помошник за оние кои ќе учествуваат на парламентарните седници, ќе води евиденција за сè што се случува и ќе предлага решенија. Овие деца ќе ја познаваат својата мајка – истакна Рама.
Воведувањето на виртуелната министерка Диела беше дел од дигиталната стратегија на албанската влада за модернизација на администрацијата и приближување на технологијата до граѓаните.
Според Рама, овој чекор претставува „нова ера на транспарентност и ефикасност во јавната управа“.



























