Албанските власти денеска го екстрадираа македонскиот државјанин Монди Гитлан во Австрија, каде што е осуден на пет години затвор поради трговија со дрога.
Според информациите објавени од албанските медиуми, операцијата е резултат на координирани активности меѓу Дирекцијата на Интерпол Тирана и австриската полиција, со што беше финализирана постапката за негово предавање на австриските власти.
– Како резултат на координацијата на оперативните дејствија меѓу специјалистите од Дирекцијата на Интерпол Тирана и нивните колеги во Австрија, финализирана е постапката за екстрадиција на лицето Монди Гитлан, 29 години, жител на село Велешта, Струга, Македонија – соопштија албанските медиуми.
Судот во Виена во мај годинава го прогласил Гитлан за виновен за трговија со дрога, а поради тоа била распишана меѓународна потерница.
Тој беше уапсен на почетокот на септември на граничниот премин Ќафасан, на албанско-македонската граница, додека се обидувал да ја напушти Албанија.
Со денешната екстрадиција, 29-годишниот Гитлан ќе ја одслужи затворската казна во Австрија, каде што веќе е предаден на надлежните органи.



























