Веќе неколку дена, кај Лагадин, превртен глисер марка Бајлајнер потсетува на прашањето што секој сопственик на пловен објект треба да си го постави: Дали сме доволно одговорни кон нашето езеро?
Сликата е јасна – темните облаци над водата, самотниот превртен глисер што лебди на површината, и отсуството на итна реакција. Ова не е само приказна за еден несреќен инцидент, туку и за однесот кон природата што нè опкружува.
Кога веќе имаш пловен објект, одговорноста не завршува со купувањето. Треба да се грижиш за него, да ја познаваш природата на езерото, да ги почитуваш правилата – и на народ , и на природата. Охридското Езеро не е само туристичка атракција, тоа е живо наследство што бара почит и внимание.
До кога ќе го гледаме овој глисер? До кога ќе чекаме некој друг да преземе акција? Можеби е време сите ние – сопственици, власти, граѓани – да се запрашаме што значи навистина да го сакаме и чуваме нашето езеро.



























