Поранешниот француски претседател Никола Саркози добил смртни закани од друг затвореник во парискиот затвор Ла Санте, каде во вторникот започна да ја отслужува својата петгодишна затворска казна, соопшти канцеларијата на јавниот обвинител во Париз, додавајќи дека е отворена истрага.
„На 22 октомври 2025 година, директорот на затворот Ла Санте го извести обвинителството во Париз за видео кое било споделено на социјалните мрежи, очигледно снимено од затвореник, во кое тој упатува закани по пристигнувањето на Никола Саркози во објектот“, изјави обвинителството во соопштение испратено по е-пошта.
Тројца затвореници се испрашувани како дел од истрагата, а за време на претресот беа запленети два мобилни телефони, се додава во соопштението за медиумите.
Саркози е осуден и затворен во парискиот затвор Ла Санте за заговор за финансирање на неговата изборна кампања во 2007 година со средства од Либија.
На поранешниот претседател му се доделени двајца вооружени полицајци да го штитат додека ја отслужува затворската казна, потег што предизвика поплаки од синдикатот на затворските чувари.
Осудата на Саркози стави крај на долгогодишната правна битка околу обвинувањата дека поранешниот претседател зел милиони во готово за време на изборната кампања во 2007 година од либискиот лидер Моамер ел-Гадафи, кој подоцна беше соборен и убиен за време на Арапската пролет.
Иако Саркози беше прогласен за виновен за заговор со блиски соработници кои му помогнале сето тоа да се реализира, тој беше ослободен од обвиненијата поврзани со лично примање пари или користење на тие средства.
Тој постојано негираше какви било нерегуларности и го нарече случајот политички мотивиран.
Саркози, кој беше осуден минатиот месец, е првиот поранешен француски лидер кој завршил во затвор по нацистичкиот соработник маршал Филип Петен на крајот од Втората светска војна.