Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ја откажал очекуваната средба со рускиот претседател, Владимир Путин.
– Едноставно не ми се чинеше исправно. Не чувствував дека ќе стигнеме таму каде што требаше – па затоа откажав, но ќе го направиме тоа во иднина – изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба на Белата куќа, пренесе ДПА.
Кога го прашаа дали мисли дека рускиот претседател сака да ја заврши актуелната војна со Украина, Трамп рече да.
– Мислам дека тие сакаат мир, мислам дека двете земји сакаат мир во овој момент. Поминаа, знаете, речиси четири години. Влегуваме во четврта година. И да бев претседател, никогаш немаше да започне. Но, да, време е – рече американскиот лидер.
Трамп ја призна својата фрустрација од бавното темпо на преговорите со Русија за завршување на војната.
– Па, мислам, во однос на искреноста, единственото нешто што можам да го кажам е дека секој пат кога разговарам со Владимир Путин, водам добри разговори, а потоа тие не водат никаде. Тие едноставно не водат никаде – додаде тој.
Минатата недела, Трамп рече дека планира да се сретне со рускиот претседател во Будимпешта, Унгарија, откако двајцата имаа долг телефонски разговор што Трамп го опиша како „многу продуктивен“.
Функционер на американската администрација во вторникот изјави дека „нема планови“ двајцата да се сретнат „во блиска иднина“.