Министерството за внатрешни работи соопшти дека во текот на изборниот молк, од 18 октомври до утрово во 7 часот, биле регистрирани 20 пријави за нарушување на изборниот молк низ земјата.
Најмногу случаи се евидентирани на подрачјето на СВР Скопје – шест, по што следат четири пријави во Куманово, три во Велес, по две во Охрид, Штип и Битола, и една пријава во Струмица.
„По преземените мерки, не се потврдени пријавите за 15 од пријавените настани,“ соопштија од МВР.
Покрај тоа, биле регистрирани 47 објави на социјалните мрежи кои го прекршиле изборниот молк, главно со повици за гласање за одредени кандидати или со видеа и фотографии од партиски активности во штабови.
Министерството информира дека гласањето на болните и изнемоштените лица, како и на лицата во затвори и притвор, поминало без инциденти, освен еден изолиран настан, кој бил навремено третиран.
Претходно, вчера Инфомакс, објави неколку видеа од прекршување на изборниот молк.