Синдикатот на контролори ќе бара ново рочиште за да ги каже маките на суд

Lorita
By Lorita
5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Авиосообраќајот во државава нема да биде прекинат в понеделник. Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) ќе ја почитува вчерашната одлука на Граѓанскиот суд со времена забрана на штрајкот, што овој требаше да се одржи в понеделник. Синдикатот најави дека ќе ја обжали одлуката на судот и ќе поднесе претставка против судијката во Републичкиот судски совет.

– Мора да го почитуваме решението на Судот, ќе ги известиме денеска М-НАВ дека нема да има штрајк, но нема да се откажеме и ќе  продолжиме со други активности. Ќе најдеме начин повторно да направиме се што е потребно за да ги оствариме нашите барања што се дел од Спогодбата за којашто инсистираме дека директорите треба да ја испочитуваат – рече денеска на прес-конференција претседателот на ССКЛ Александар Тасевски.

Тој информира дека судското рочиште требало да се одржи денеска, но решението судот го донел вчера.

–  Бевме спремни денеска да се појавиме на тоа рочиште, но испадна дека е откажано и воопшто не ни беше дадена прилика да ја изложиме нашата одбрана  – рече Тасевски.

Според него, тужбата на М-НАВ воопшто не е барање за времена мерка, туку, како што рече, за отпочнување постапка која утврди дали синдикатот има право да организира штрајк. Но судот одлучил поинаку да работи.

– Во решението што е доставено од Судот, е наведено дека самиот цени оти барањето на тужителот го смета како времена мерка, што е спротивно на закон. Нашите правници денеска ги формулираат одговорите на тужбеното барање и жалбата во која ќе се бара предметот да се врати во судот. Но, за ова ќе се обратиме и до Републичкиот судски совет и ќе се поднесе претставка и против судијката која го водела предметот. Ќе разговараме и со претседателот на Судот, и ќе бараме  предметот повторно да биде вратен на рочиште и да се дозволи да ја изложиме нашата одбрана – рече Тасевски.

Тој дополни дека во времената мерка не стои никаков рок, што вели значи дека не може да биде времена мерка и оцени решението е тенденциозно.

– Ќе ги покажевме нашите докази дека имаме легитимитет да поведеме постапка за штрајк, дека постапката за помирување не само што е почната, завршена, туку дека имаме и помирувач. Постапката во нашиот случај е почната на 15 мај 2023 година со најавата на штрајк, а помирувањето е завршено со констатација од страна на претставникот на МТСП на 3 јули 2023, односно 15 дена по роковите. Како резултат на таквата постапка продолжена е дискусијата со директорите, потпишана е Спогодба  на ниво на Колективен договор, што е обврзувачка за двете страни. Токму тоа е она што го бараме цело време во годините наназад со штрајковите – почитување на Спогодбата – појасни Тасевски.

Тој рече дека постапката за реализирање на Спогодбата е запрена од новото раководство, а најавениот штрајк го тангираат Законот за работни  односи.

- Advertisement -
Ad image

-Се повикуваме на одредби за ноќна работа, за условите за работење, за исплата на надоместоците согласно Закон и Колективниот договор за ангажмани. Едно од барањата е подобрување на услови за работа, да се реши проблемот со водата, со денови немаме вода на работа, ниту тоалет – рече Тасевски.

Синдикатот, како што појасни тој, бара почитување на Спогодбата потпишана по најавата за штрајк во 2023 година и состанокот во Министерството за транспорт од 12 октомври.

Клучни барања се: ангажирање консултантска фирма којашто професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието, вработување на стручни, а не партиски кадри како и подобри услови за работа.

- Advertisement -
Ad image

Во меѓувреме синдикатот во неколку наврати за истите барања најавуваше штрајк и го ставаше во мирување, а последната таква одлука беше донесена на 3 октомври.

Граѓанскиот суд вчера донесе решение со кое, како што беше соопштено, се усвојува предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување на привремена мерка забрана на најавениот штрајк од страна на ССКЛ. Со оваа Одлука, соопшти М-НАВ, Судот утврди дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективните спорови, како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос.

Share This Article