Во сенката на предизборната врева за локалните избори, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја заврши својата балканска турнеја со посета на Северна Македонија. За разлика од другите држави од регионот, каде што одржуваше заеднички прес-конференции со лидерите, овој пат комуникацијата беше сведена на социјалните мрежи – јасен сигнал дека Брисел не сака да го оптовари домашниот политички момент со дополнителна драма.
Пораката на фон дер Лајен беше кристално јасна и без дипломатски еуфемизми: “Топката е на ваше игралиште”. Следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е договорената уставна измена – внесување на бугарската заедница во Уставот, како што налага Францускиот предлог.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која дојде на власт со јасни ветувања за одбрана на националните интереси, сега се наоѓа пред познатата македонска дилема: европската иднина со цена на уставни компромиси. Премиерот Мицкоски зборува за “конкретни резултати” и “европски стандарди”, но прашањето кое ги тревожи граѓаните е: дали по локалните избори следува уставната ревизија?
Претходните изјави од владините редови беа јасни – нема отворање на Уставот без цврсти гаранции од Бугарија дека нема да има дополнителни барања. Ова беше оценувано од критичарите како “научна фантастика” – барање на гаранции кои меѓународното право и реалполитиката едноставно не ги познаваат.
Сегашната ситуација е деликатна и полна со иронии:
Брисел го усовршува својот притисок. Секој “следен и единствен чекор” станува дел од низа бескрајни чекори. Процесот на евроинтеграција за Западниот Балкан се претвора во механизам на постојано одложување, каде што секоја соседна држава добива ефективно право на вето маскирано како “билатерално прашање”.
За Македонија, патот кон ЕУ личи на Зенонов парадокс – постојано се ближи, но никогаш не пристигнува. Секоја измена, секој компромис отвора простор за нови барања, нови услови, нови “последни чекори”.
Владата веројатно ја планира уставната измена за периодот по локалните избори, кога политичката цена ќе биде помала. Но граѓаните се прашуваат: доколку оваа Влада, дојдена на анти-компромисна платформа, го отвори Уставот без гаранции – што тоа значи за довербата во политичкиот систем?
Тивката посета на фон дер Лајен е симбол на процесот што ја дефинира македонската евроинтеграција – работи што се случуваат “низ мала врата”, без јавна дебата, без транспарентност, но со огромни последици.
Прашањето “што е следно?” не е реторичко. Тоа е легитимна загриженост на граѓаните кои гледаат како националниот идентитет станува предмет на трговија, а европската перспектива се оддалечува со секој направен компромис.
Топката може и да е на македонското игралиште, но правилата на играта ги пишуваат другите.
Сашо Денесовски -дипл политиколог
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
