Главната расправа за трагичната несреќа во кочанската дискотека „Пулс“ е закажана за 19 ноември 2025 година, со почеток во 09:30 часот, во судницата при Казнено-поправната установа Идризово, информираа од Кривичен суд.Како што беше објавено претходно, обвинителниот акт кој првично беше поднесен од Обвинителството во Кочани, а потоа со решение на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија пренесен во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје, е одобрен во целост. Според АКМИС-системот, предметот е распределен на понатамошно постапување кај судијата Диана Груевска Илиевска.
Поради интересот на медиумите и невладините организации кои го следат процесот, судот информира дека судиите Тамара Витларова-Смилевска и Илина Смичковска-Илиевска се изземени од постапување по предметот, поради лично познанство со дел од оштетените, согласно законските одредби.
К
ако втор член на судечкиот совет е определен судијата Ахмед Идризи, во согласност со измените во годишниот распоред за постапување на судиите.
За поефикасно водење на процесот, веќе се утврдени повеќе термини за главна расправа – 25, 26 ноември, како и 2, 4, 10 и 11 декември 2025 година. По почетокот на постапката ќе бидат усогласени и дополнителни датуми.
Судот соопшти дека поканите до странките се во фаза на достава, а поради големиот број обвинети и очекуваниот интерес на јавноста, сите учесници во постапката треба да пристигнат во судницата најмалку еден час пред почетокот на рочиштето, заради безбедносните проверки и навремено започнување на расправата.