Федералната судијка Сузан Илстон вчера ѝ наложи на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги запре масовните отпуштања на федералните службеници за време на делумното затворање на владата. Мерката трае сè додека не ги разгледа тврдењата на синдикатите дека отпуштањето е нелегално.
На сослушувањето во Сан Франциско, судијката Илстон го одобри барањето на два синдикати за привремено блокирање на отпуштањата во повеќе од 30 агенции.
Директорот за буџет на Белата куќа, Расел Воут, рече дека повеќе од 10.000 федерални службеници би можеле да останат без работа како резултат на затворањето на владата, кое вчера влезе во својот 15-ти ден.
Илстон цитираше низа изјави на Трамп и на Воут за кои таа верува дека покажуваат јасни политички мотиви за отпуштањата, како на пример кога Трамп рече дека „демократските агенции“ ќе бидат цел.
– Тоа не се прави во правна држава. Имаме закони тука, а она што се дискутира тука не е во рамките на законот – рече судијката, која беше назначена од поранешниот демократски претседател Бил Клинтон.
Илстон рече дека се согласува со синдикатите дека администрацијата нелегално го користи затворањето на владата, кое почна на 1 октомври, за да ја протурка својата агенда за намалување на федералната влада.
Според судските документи, околу 4.100 вработени во 8 агенции се известени за нивното отпуштање.
Синдикатите на федералните и на државните вработени тврдат дека затворањето на владата не ги оправдува отпуштањата, бидејќи повеќето федерални вработени се ставени на неплатен одмор.
Републиканците на Трамп имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, но им се потребни најмалку 7 демократски гласа за да го усвојат законот за финансирање на владата во Сенатот, каде што демократите вршат притисок за продолжување на субвенциите за здравствено осигурување.