Маж од италијанскиот град Виченца, кој повеќе од 50 години примал инвалидска пензија и во тој период добил милион евра од државата, е обвинет за измама откако е откриено дека лажел дека е слеп, објавија италијанските медиуми.
70-годишниот маж примал инвалидска пензија од 1972 година, објави ТВ Раи. Финансиската полиција го следела повеќе од два месеци и го снимала како работи во градината, користејќи опасни алатки како што се градинарски ножици и машини за сечење жива ограда без ничија помош.
Лажниот инвалид подоцна бил снимен како пазарува во супермаркет, каде што внимателно избирал овошје и зеленчук и ја плаќал стоката во готово, објави Раи.
По истрагата, финансиската полиција ги известила надлежните органи веднаш да ја суспендираат исплатата на инвалидската пензија и сите други социјални бенефиции на осомничениот.
Потоа, регионалното обвинителство на Венето поднесе обвинение против лажниот инвалид, обвинувајќи го за измама, пренесува ТВ Раи.