Од денеска 29 земји членки на Шенген зоната ќе започнат со постепено воведување на новиот дигитален Систем за влез/излез (ЕЕС) на граничните премини на нивните надворешни граници.
Со стапувањето во сила на ЕЕС системот земјите членки на Шенген зоната ќе започнат со електронско регистрирање на податоците на државјаните на трети земји што не се дел од ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани, кога ги преминуваат надворешните шенгенски граници за престои до 90 дена. Имплементацијата на системот на сите копнени премини, аеродроми и пристаништа треба да заврши во период од шест месеци.
За време на периодот на постепено воведување на ЕЕС, земјите членки на Шенген зоната можат самостојно да одлучат на кои гранични премини ќе го имплементираат системот и кога. Целта на ваквиот пристап е да им се овозможи на граничните власти, транспортната индустрија и патниците да се прилагодат на новите процедури.
По истекот на шесте месеци, односно од 10 април 2026, ЕЕС системот ќе треба да се применува на сите гранични премини, а процедурата на ставање печати во пасошите ќе биде заменета со електронски записи во системот. Во текот на шестмесечниот транзициски период на ЕЕС практиката на ставање печати во пасошот ќе продолжи.
Со ЕЕС се очекува да се обезбедат веродостојни податоци за граничните власти, што ќе им овозможи систематски да откриваат лица кои го пречекоруваат дозволениот период за престој, како и случаи на измама со патни документи и идентитет.
Според Европската комисија, со целосното автоматизирање на гранични проверки ќе се обезбеди полесно и побезбедно минување на границите за сите.
Со новиот систем ќе се регистрираат податоци за пасошите на државјаните од земји кои не се членки на ЕУ, ќе им бидат фотографирани лицата и ќе им бидат земани отпечатоци од прстите при нивното прво преминување на граничните премени по имплементацијата на ЕЕС. При секое наредно преминување ќе биде потребна само брза верификација на нивниот идентитет преку ЕЕС системот.
Новиот систем ги исполнува највисоките стандарди за заштита на податоците и приватноста, осигурувајќи дека личните податоци на патниците ќе бидат заштитени и безбедни.
Во пресрет на почетокот на имплементацијата на ЕЕС системот, македонското Министерството за внатрешни работи им препорача на сите наши граѓани кои од денеска планираат да патуваат во земја од Шенген зоната да се запознаат со новите правила и процедури, со цел да се осигурат дека нивните патувања ќе бидат навремени, безбедни и без непотребни одлагања.