Соопштение за јавност
Шукова: Владата мора да помага на сите општини без разлика кој е градоначалник и од која партија доаѓа
Кандидатката за Градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, во интервју за ТВ21 истакна дека кога станува збор за животната средина, политичките интереси мора да бидат оставени на страна, а соработката меѓу институциите да стане приоритет.
„Јас мислам дека кога станува збор, пред сè, за животната средина, не треба да ги гледаме политичките интереси. Тие интереси конечно мора да излезат од Градот Скопје, а впрочем и од сите институции, ако навистина сакаме да имаме здрава животна средина,“ изјави Шукова.
Таа потсети дека за време на нејзиниот мандат како министер имала успешна соработка со сите градоначалници, без оглед на нивната политичка припадност, и дека таквиот пристап треба да биде модел за сите идни политичари.
„Секогаш бев отворена за соработка, и мислам дека така треба да работи секој политичар во оваа држава. Зборуваме за интересот на граѓаните, не само на Скопје, туку и на целата држава,“ додаде таа.
Шукова нагласи дека успешното справување со еколошките и инфраструктурните предизвици е можно само преку вистинска координација помеѓу централната и локалната власт, како и со активно вклучување на невладиниот сектор.
„Локалните самоуправи сè уште зависат од поддршката на државата, но тоа не треба да се злоупотребува. Владата мора да помага на сите општини без разлика кој е градоначалник и од која политичка партија доаѓа,“ порача Шукова.
Таа истакна дека граѓаните очекуваат резултати, а тие може да се постигнат само преку транспарентност, меѓусебна доверба и вклучување на сите општествени чинители.
„Невладините организации имаат знаење, искуство и капацитет да помогнат. Кога сте отворени кон нив, добивате реална соработка и резултати,“ заклучи Шукова.