Алис пристигна во Европа: Се огласуваат аларми, ќе трае до понеделник
Бурата Алис може да предизвика хаос во Западна Европа, па затоа е издадено највисоко ниво на опасност за шпанската Коста Бланка. Целиот регион е во состојба на висока тревога поради обилните дождови.
Шпанската метеоролошка агенција AEMET вчера издаде црвено предупредување поради обилните дождови во туристичкиот центар Аликанте, во Валенсија. Оваа област претрпе катастрофални поплави во октомври минатата година, во кои загинаа дури 220 лица.
„Вонредна опасност. Може да се случат поплави и ненадејни поплави. Следете ги советите на цивилната заштита“, е пораката од AEMET на X.
Метеоролозите, исто така, објавија дека вкупната количина на врнежи може да надмине 140 милиметри за 12 часа, особено во Валенсија, објавува Jutarnji list.
Се очекува да бидат погодени и други медитерански крајбрежни региони, вклучувајќи ја соседната покраина Мурсија и Балеарските Острови.
Се очекува обилните дождови да започнат околу 10 часот денес и ќе траат до понеделник.
Врнежите од дожд би можеле да предизвикаат локални поплави во ниските подрачја, потоци и клисури, па затоа потенцијалното ниво на опасност од оваа ситуација е високо, се додава во предупредувањето.
Службите за итни случаи се во состојба на готовност и на островот Ибица, каде што е на сила портокалово предупредување поради дождови и бури, објавува „Дејли меил“, а јави „Слободна Далмација“.
Минатогодишната катастрофа предизвика протести од жителите кои ги обвинија властите дека не издале предупредувања навремено.
Минатиот месец, шпанскиот регион повторно беше погоден од обилни дождови, кои затворија бројни училишта и универзитети, а го прекинаа и железничкиот и патниот сообраќај.