Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги објави имињата на 18 судиски двојки кои ќе делат правда на претстојното машко Европско првенство во ракомет, што ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари во Данска, Шведска и Норвешка.
Во изборот се најдоа и две македонски судиски двојки, што претставува историски успех за македонското судиско ракометно тело.
За првпат на едно Европско првенство ќе настапат Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, кои ќе го имаат своето деби меѓу најдобрите судии на континентот.
Покрај нив, очекувано на листата се и најпознатите македонски ракометни судии – Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кои со години се дел од најголемите ракометни натпреварувања во светот.
Според познавачите на ракометот, фактот што ЕХФ номинирала две македонски двојки е огромно признание и доказ за високото ниво на професионалност и квалитет што го покажуваат македонските судии на меѓународната сцена.
Покрај судиското присуство, и македонската ракометна репрезентација ќе биде дел од шампионатот.
Нашите ракометари ќе играат во групата Б, заедно со Данска, Португалија и Романија, а натпреварите ќе се одржуваат во данскиот град Хернинг.
Очекувањата се дека Македонија ќе се покаже во најдобро светло и ќе избори пласман во следната фаза на натпреварувањето.