По 3 години затвор добија тројцата обвинети за предизвикување на големиот пожар на дивата депонија Вардариште – Мејсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи.
„Сите тројца се виновни затоа што создале депонија спротивно од прописите со што предизвикале опасност по здравјето на луѓето, како и загадување на земјата и на воздухот, со тоа што откупувале старо железо и други материјали на импровизирани пунктови, иако знаеле дека немаат дозвола согласно Законот за управување со отпад и немале основано правно лице за таква дејност. Без дозвола и документација за собирање, третман и складирање отпад создавале диви депонии спротивно на прописите на закон за зивотна средина, а со тоа предизвикале опасност по здравјето на луѓето и загадување на околината и поради тоа се осудуваат на казна затвор по 3 години“, им ја соопшти судијата пресудата на обвинетите.
Како олеснителна околност за сите тројца се смета тоа што се со семејства, тие се неосудувани и невработени. Тежината на кривичното дело и влијанието врз животната средина од кривичното Судот ги засмета како отежителна околност.
Сите тројца на минатото рочиште ја признаа вината за кривичното дело Загрозување на животната средина и природата со отпад. Тие тогаш изразија каење и истакнаа дека нема да го повторат делото.
Обвинетите рекоа и дека се подготвени да соработуваат со надлежните за целосно отстранување на отпадот од депонијата.
Големиот пожар избувна на Вардариште на 31 август и беше вистински предизвик да се изгаси. Депонијата чадеше со денови, што предизвика големо загадување на воздухот во Ново Лисиче, Аердром, Гази Баба итн.
Поради пожарот и неактивноста на надлежните инстируции да го уредат овој простор кој со децени ја загадува околината, жителите на околните населби секојдневно протестираа.