Испораката на крстосувачките ракети „Томахавк“ од САД за Украина ќе доведе до „квалитативна“ промена на ситуацијата во војната во Украина, изјави денеска рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
– Сепак, таа промена нема да ја спречи Русија да ги постигне своите цели во „специјалната воена операција“ – додаде тој.
Москва го повикува Вашингтон да пристапи „трезвено и цврсто“ кон прашањето за соодветната испорака за Киев, истакна Рјабков пред претставниците на медиумите.
– Хипотетичката употреба на вакви ракетни системи е можна единствено со директно учество на американската администрација. Се надевам дека, земајќи ја предвид длабочината и сериозноста на последиците од каква било одлука во оваа ситуација, добро ќе се сфати кој го поттикнува Вашингтон на таква одлука – нагласи Рјабков.
Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела изјави дека би сакал да знае што Украина планира да прави со ракетите „Томахавк“ пред да се согласи да ги испорача на Киев, бидејќи не би сакал да предизвика ескалација во војната во таа земја.
Рускиот заменик-министер истакна дека не се водат разговори со САД за продолжување на новиот договор за намалување на стратешкото оружје – „Нов СТАРТ“.
Според него, двете прашања, испораката на ракети „Томахавк“ за Украина и евентуалниот нов рок на договорот, се „две различни работи“, забележа ТАСС.
Покрај тоа, Рјабков изјави дека импулсот во стремежот кон мировен договор со Украина, кој се појавил по средбата меѓу претседателите на Русија, Владимир Путин, и на САД, Доналд Трамп, во август во Енкориџ, на Алјаска, веќе се покажал како исцрпен.
– За жал, мора да констатираме дека моќниот импулс од Енкориџ во полза на договор, постигнат со напорите и на противниците и на поддржувачите на ‘војната до последниот преостанат Украинец’, во значителна мера се покажа како исцрпен, најмногу поради Европејците – рече Рјабков пред Државната дума (долниот дом на рускиот Парламент).
– Тоа е резултат на деструктивните дејствија, најмногу на Европејците, за што ние зборуваме отворено и директно – нагласи високиот дипломат.