Во услови на зголемени економски ризици и брза дигитализација, финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни за користење на предностите од финансиските услуги и за обезбедување сеопфатен раст, изјави гувернерот на Народната банка Трајко Славески на годишниот состанок на регионалниот проект за техничка помош во областа на финансиската едукација во Сараево.
Според Славески, кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост.
-Дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини финансиски услуги, но истовремено создава и нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци – рече Славески.
Тој нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство.
-Зголемувањето на финансиската и дигиталната писменост е од огромна важност за граѓаните и за претприемачите за да можат да ги препознаат придобивките, но и ризиците од новите дигитални финансиски производи и услуги. Само така можеме да ја искористиме дигитализацијата како алатка за поголема вклученост и стабилен економски раст – реле Славески.
Тој зборуваше на панел-дискусијата на тема „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“.