Украинските сили го изведоа досега најдлабокиот напад внатре во руска територија. Според објавите на каналот Вишеград24 на Икс ова е светски рекорд во војувањето со дронови-самоубијци. Мапата која ја објави каналот покажува траекторија од 2.092 километри.
Се чини дека дронот испален од украинската граница успеал да прелета и да удри во областа на Тјумењ, длабоко во Сибир, некаде меѓу Јекатеринбург и Чељабинск.
Според украински извори, целта биле складишта на гориво и индустриска постројка поврзана со рафинерија во близина на Тјумењ, пишува Украинска Правда. Рускиот гувернер Александар Мор изјави дека нема жртви и дека системите за противвоздушна одбрана реагирале.
На Телеграм се појавија непотврдени снимки од Тјумерње кои, според порталот РБЦ Украина, покажуваат чад и пожар.
Претходно, украинските сили веќе постигнаа удари со дронови на растојанија од околу 1.400 километри, кога беше погодена рафинерија во Јарославската област, северно од Москва. Нападот ја погодил нафтената инфраструктура што се смета за еден од клучните извори на снабдување за руската воена машинерија.
Украинските напади врз руската енергетска инфраструктура зачестија како нова тактика на Киев.
Украина во последниот месец често гаѓа трафостаници, мрежи за пренос на електрична енергија и големи нафтени постројки.
Русија одговори со слични напади врз украинската енергетска мрежа, користејќи ракети и дронови за да предизвика прекини на струја во украинските региони, со цел да ги наруши станбените, индустриските и воените капацитети на Киев.
Претходно, на 1 јуни оваа година, Украина ја спроведе операцијата „Пајакова мрежа“ (Operation Spider’s Web) во која дронови погодија руски воздухопловни бази длабоко во руската територија.