Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека донел „некаков вид“ одлука околу тоа дали „Томахавк“ ракетите треба да бидат испорачани на Украина преку сојузничките членки на НАТО, но дека пред сè сака да знае каде точно Украина ќе ги употреби.
– Донесов, да речеме, одлука – кажа шефот на САД во Овалната соба, додавајќи дека ќе треба да постави неколку прашања до Киев.
Тој вели дека „претпоставувам дека морам да го поставам тоа прашање. Не сакам да дојде до ескалација“.
Зеленски веќе ги побарал Томахавките
На последната средба со Трамп, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, украинскиот претседател Володимир Зеленски побарал Украина да добие „Томахавк“ ракети. Според изјавата што ја дал за американскиот портал Аксиос, Зеленски барал оружје со кое Украина би можела да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да седне на преговарачка маса.
Украинскиот лидер не навел кој точно систем го бара, но според два извори запознаени со разговорот, станува збор токму за „Томахавките“, прецизно наведувани ракети со далекосежен дострел.
„Нов степен на ескалација“
Рускиот претседател Владимир Путин не чекаше долго за да одговори.
– Испораката на „Томахавк“ ракети на Украина би претставувала целосно нов, квалитативно нов степен на ескалација – изјави Путин, потенцирајќи дека Украина не може да ги користи без директна техничка и оперативна поддршка од САД.
Според рускиот лидер, тоа би значело директен конфликт меѓу Москва и Вашингтон и целосно уривање на секој позитивен момент во односите меѓу двете сили.
Томахавките можат да ја нарушат рамнотежата
Украинските власти уверени се дека ако добијат „Томахавки“, ќе можат да извршат напади длабоко во руска територија, вклучително и врз цели блиску до Москва. Според нив, токму тоа би ја нарушило моменталната воена рамнотежа и би го натерало Путин на отстапки.
Украински официјални лица, како и извори блиски до администрацијата, изјавиле дека сè уште немаат јасна потврда за одлуката на Трамп. Еден извор блисок до Киев тврди дека некои американски функционери изразиле сомнеж дали ќе може да се контролира начинот на кој Украина ќе ги користи ракетите, откако ќе бидат купени од НАТО сојузници.