Украинскиот претседател, Володимир Зеленски не е тој кој ќе одлучи дали Украна ќе се приклучи на Европската Унија, туку земјите-членки, порача шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.
Ваквата реакција Сијарто ја објави на Фејсбук откако Зеленски изјави дека Украина на крајот ќе стане членка на ЕУ, со или без унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Сијарто истакна дека унгарскиот народ веќе ја донел својата одлука.
„Не е претседателот на Украина тој што ќе одлучува колку е подготвена една земја за членство во Европската Унија или која земја може да се приклучи на Унијата. Тоа го одлучува самата Европска Унија, каде што за ваквите одлуки се потребни едногласни ставови“, изјави Сијарто синоќа, објави унгарското Министерство за надворешни работи.
Претходно вчера, Зеленски изјави дека Украина ќе стане членка на Европската Унија без оглед на ставот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој изрази уверување дека народот на Унгарија ја поддржува Украина, дури и ако ставот на владата на земјата е различен.
Зеленски рече дека членството во ЕУ е избор на украинскиот народ и нагласи дека патот на земјата кон пристапување нема да биде блокиран од ниту една земја-членка.