Од почетокот на следната година, пензионерите во Македонија ќе можат повторно да се вработат без да се откажат од својата пензија. Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, најави дека новите законски измени ќе стапат на сила на 1 јануари 2026 година и ќе им овозможат на сите работоспособни пензионери да продолжат со работа, а притоа редовно да ја примаат својата пензија.
– Законот ќе стапи на сила од 1 јануари 2026 година. Во моментов се подготвуваат измените кои ќе им овозможат на пензионерите кои работат да ја примаат својата пензија редовно, а истовремено да бидат пријавени и за здравствено осигурување – изјави Велковски.
Со оваа новина, Македонија се приклучува на европската практика која го поттикнува активното учество на постарите граѓани на пазарот на трудот, особено во секторите каде што недостига работна сила и каде искуството има голема вредност.
Пензискиот систем во земјата се темели на три столба – државен, задолжителен приватен и доброволен приватен фонд. Во моментов, жените заминуваат во пензија на 62 години, а мажите на 64, со минимум 15 години работен стаж.
Досега, правилата не им дозволуваа на пензионерите истовремено да бидат во редовен работен однос и да ја примаат пензијата. Тие можеа да работат само преку договор на дело или хонорарно, но доколку се вработеа со полно работно време, исплатата на пензијата им се прекинуваше за периодот додека работат.
Со измените што ги најавува Министерството за труд и социјална политика, ова ограничување ќе се укине. Пензионерите ќе можат истовремено да работат и да ја примаат својата пензија, што според надлежните ќе придонесе за пофлексибилен и поправеден пензиски систем и ќе овозможи подобра искористеност на искуството на постарите генерации.