Правиме сè за да ја подобриме поврзаноста со соседите, преку регионална соработка, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, говорејќи на панел-дискусија за енергетската транзиција и карбон неутралноста на конференцијата „Circular Gaia Symposium“ во Атина, презентирајќи ги проектите, иницијативите и приоритетите на нашата земја во енергетскиот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерката говореше за важноста на поврзаноста во регионот, но и објасни дека конкретното Министерство е ново, а главниот приоритет беше законот за енергетика, кој, како што објасни, е многу важен и направен и донесен во согласност со Европската Унија.
– Како земја јасно ја дефиниравме нашата стратегија, имаме цел да станеме јаглеродно неутрална економија до 2050 година во согласност со европските цели и глобалните обврски, а нашата транзиција не е само енергетски процес, туку е и економски и социјален проект, па го гледаме како процес на одржливост, безбедност и конкурентност – истакна министерката.
Додаде дека според официјалните податоци, за прв пат имаме енергија што доаѓа 40% од обновливи извори, а говореше и за инвестициите во земјата и соработката со низа странски институции, посочувајќи дека „за инвестиции во обновливи извори на енергија, потребни се и инвестиции во инфраструктурата“.
Во регионален контекст, нагласи дека е многу важна комуникацијата и поврзаноста и како пример го спомена прекинот на електричната енергија што се случи пред 2 години во Хрватска, а имаше влијание и на Босна и Херцеговина.
Детално се осврна на интерконекторот со Грција, проектот на север со Србија што ќе се простира до централна Европа, објасни дека се водат разговори и со Косово, а единствената земја со која не постои енергетска поврзаност е Албанија, меѓутоа нагласи дека сега по успешниот тендер ќе започнат работите и на оваа линија.
Божиновска објасни дека со завршувањето на рокот за поднесување апликации од инвеститорите се планираат активностите за следната година, што воедно е првпат во Македонија да се носи годишен план за инвестиции со цел заштита на мрежите и капацитетите, посочувајќи дека пристигнале над 180 апликации.
-Минатата година го посетивме и Брисел, имаме одлична комуникација со Енергетската заедница во Виена, ги следиме најновите закони. А исто така имаме и многу инвестиции, имаме проект што е во тек со повеќе од 400 мегавати, кој веќе е во изградба, а следната седмица ќе ги одредиме инвеститорите за следната година – објасни Божиновска.