Рускиот претседател Владимир Путин на пленарната седница на 22-от Валдајски клуб јавно предупредил дека западни разузнавачки структури имаат за цел да ја дестабилизираат Србија.
– Се согласувам со претседателот Вучиќ. Нашите специјални служби го потврдија: одредени западни центри се обидуваат да спроведат обоена револуција, во овој случај – во Србија – изјави Путин, според преносот на „Известија“.
Тој ја дефинирал обоената револуција како „нелегално преземање на власта“, предупредувајќи дека надворешното мешање не може да носи стабилност.
– Тоа е внатрешна работа на Србија, Русија нема намера да се меша – истакна рускиот лидер.
Притоа упатил и индиректна порака до младите:
– Секогаш има луѓе, особено млади, кои не ја разбираат целосно позадината, ниту последиците од нелегитимни промени на власта – дециден бил Путин.
Руската служба за надворешно разузнавање уште во септември објавила дека некои европски елити ќе се обидат да ја искористат годишнината од трагедијата во Нови Сад на 1 ноември за да ги активираат протестите.
– Младите во Србија се патриоти. Треба да разберат што е подобро за нивната земја – еволутивни промени со нивно учество, а не револуционерна манипулација – рече Путин.
Потсетувајќи на страдањата на српскиот народ низ двете светски војни, тој заклучил:
– Оние што ги туркаат младите на улиците сакаат Србија повторно да страда, иако тоа не го кажуваат јавно.
фото: EPA-EFE/MIKHAIL KLIMENTYEV / KREMLIN POOL / SPUTNIK MANDATORY CREDIT