Промовирани 4 драми во програмата „Драмолетање“

Lorita
By Lorita
5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Секој од четирите текстови поместени во книгата „Драмолетање“ носи специфичен авторски глас и отвора простор за ново сценско истражување – од интимни прашања, преку социјални и политички теми, до хумор и апсурд. Со оваа книга не само што ја претставуваме новата генерација драмски автори, туку и поставуваме темели за идни соработки и нови претстави, рече Петар Антевски, приредувач на изданието „Драмолетање“, во продукција на Македонскиот народен театар, што беше промовирано завчеравечер на Факултет за драмски уметности во Скопје.

Низ читачка промоција, што ја режираше Шенај Мандак, на публиката ѝ беа доближени четирите драми. Ова издание е резултат на желбата за осовременување на најстариот македонски театарски фестивал. Комисијата судејќи според три критериуми – релевантност, оригиналност и продукциска вредност, а во состав од Шенај Мандак (режисерка), Ангела Стојановска (глумица) и Петар Антевски (продуцент) избра четири текста: „Голи души“ од Иван Додовски, „Ложа“ од Марио Стојаноски, „Хитлер е жив“ од Ева Камчевска и „Чудесен лек“ од Коста Бојчески.

– Современата македонска драма е најзапоставениот сегмент во македонскиот театар. Иако постои силен творечки потенцијал, голем дел од новите драмски текстови ретко стигнуваат до сцената. Затоа решивме да направиме конкретен чекор и да создадеме простор каде што авторите ќе се сретнат со режисери, продуценти и театри – и каде нивните текстови ќе добијат реална можност за живот. Така се роди програмата „Драмолетање“. Во  јуни 2025 година го имавме првиот пичинг-форум каде четворицата автори имаа можност да ги претстават своите драмски текстови пред професионалната публика меѓу кои и директори на театри и режисери. Првиот повик покажа колку е ова потребно – пристигнаа 14 драми со различни теми и стилови – рече Антевски.
Идејата беше книгата да биде во дигитално издание, достапна е на нашата интернет-страница www.mtf.com.mk, имаме малку испечатени примероци и за да не слушаме изговори од типот „Не ја најдовме книгата“ – посочи Ана Стојаноска, директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“ и професорка на ФДУ.

– Зошто сме фокусирани на македонската драма и театар? Не затоа што го предавам овој предмет, не затоа што и самата сум авторка чии драми не се поставени на сцена, освен една радиодрама, туку сметам дека е важно зашто нема ниту еден национален театар без национална драма. Таа максима многу е релевантна само кога има некаква си програма политичка, па така добро звучи. И сè е супер, ама тоа лебди во воздухот. Лично мојата мисија е колку можам да ја промовирам македонската драма, без разлика што и да работам и како директорка на најзначајниот театарски фестивал, којшто не само со мене, тука е и Катерина Коцевска, сите ние некако се бориме да има повеќе македонски драми. Ама проблемот не е до нас во процесот на селекција, туку што тие драми не се поставени. Идејата на „Драмолетање“ беше да се премости тој момент, односно да не останат драмите во некоја фиока, туку да може да се претстават пред оние кои можат да ги постават – режисерите, продуцентите, директорите на театрите. Се надевам дека оваа мисија ќе продолжи и конечно можеби ќе здосадиме и ќе некој ќе реши да ги постави на сцена. Смачено ми е кога се зборува дека не сме имале драми. Тоа не е точно, имаме одлични автори кои пишуваат, го имаме Дејан Дуковски кој и вечерва е со нас, имаме автори што поминале низ овој факултет, ама треба да го направиме тој мост меѓу нас. Ова е мојот апел до јавноста за репертоарната политика, дека мора да се внимава многу за тоа дали ќе се постави домашен текст на театарските сцени. Благодарна сум на сите што испратија текстови. Намерно ги вклучив младите луѓе во селекцијата на драмите, затоа што сметам дека тие се релевантни, оти тие го живеат денешниот театар. Се надевам драмите нема да останат само помеѓу кориците на оваа книга – истакна Стојаноска.

Менторските работилници ги водеше м-р Јанко Љумовиќ, професор на Факултетот за драмски уметности во Цетиње и еден од најистакнатите  регионални експерти за театарска продукција. Неговото искуство и пристап им овозможија на авторите не само да стекнат важни вештини за нивна професионална презентација пред стручна публика.

Дизајнот на книгата го направи Ема Велковска, а лектурата е на Ивана Кузманоска.

Читаа актерите: Ирена Димеска, Давид Димоски, Милан Петровски, Озан Идрис и Ангела Пејковска.

„Храбриот нов театар“ е слоганот што Ана Стојаноска го најави за 60. јубилејно издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“, што ќе се реализира од 12 до 19 јуни 2026 година во Прилеп.

Share This Article