Додека Виктор Орбан неколкупати досега стави кочници за Украина, тивок сојузник можеби веќе му се приклучил зад кулисите, пишува бриселски „Политико“.
Бугарија сака да си го зачува ветото против Македонија и со поддршка на Унгарија, Софиja би можела да спречи да се укине правото на вето при проширувањето на Европската Унија, анализира медиумот.
Според написот, иако некои европски лидери го осудуваат Орбан заради неговата блискост со Москва, други држави гледаат шанса да го заштитат својот национален интерес.
„Политико“ пишува дека неколку членки на ЕУ се спротивставуваат на идејата на Антонио Кошта, новоизбраниот претседател на Европскиот совет, да се укине консензусот и дел од одлуките да се носат со квалифицирано мнозинство.
Ако тоа се случи, Бугарија ќе го изгуби правото да го блокира македонскиот пристапен процес во ЕУ, што е клучен дипломатски адут за Софија. Затоа, според европски дипломати, Бугарија би можела да го поддржи Орбан, иако тоа не го кажува јавно.
– Очигледно Унгарците ги блокираат Украинците. Но, тоа не е сè. Бугарите сакаат да можат да ги блокираат Македонците, Хрватите сакаат да ги контролираат Србите, Грција и Кипар не сакаат Турција да се приближи кон ЕУ, а Грција сака да има око и врз Албанија – изјавил еден европски дипломат за „Политико“.
Ваквото сценарио го отвора прашањето дали новиот предлог за квалифицирано гласање навистина има шанси да помине, ако членките почнат да тргуваат со сопственото право на вето.
Орбан повеќепати ја блокираше европската поддршка за Украина, вклучувајќи го и ветото во декември 2023 година врз пакетот помош од 54,5 милијарди долари. Во март 2025 година, Унгарија спречи усвојување на две заеднички изјави на Советот на ЕУ за Украина, а постојано го кочи и нејзиното приближување кон ЕУ со повикување на „права на малцинства“ и „геополитички ризици“.
Во јануари 2025 година, Орбан отворено се заканил дека ќе стави вето на продолжување на санкциите против Русија, но на крајот ја повлече блокадата.