ЕСМ Снабдување потсетува дека од 15 октомври официјално започнува грејната сезона за граѓаните приклучени на системот за централно греење во градот Скопје и ги повикува до тогаш да ги завршат поправките на внатрешната инсталација.
-Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација – велат од ЕСМ.
Оттаму појаснуваат дека согласно регулативата, грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.
Дали се исполнети условите за почеток на грејната сезона од годинава ЕСМ Снабдување ќе информира секој ден на својата веб-страница.
Компанијата информира и дека потрошувачите можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“.