Легендарниот шпански тенисер Рафаел Надал предупреди дека неговиот лик и глас незаконски се користат во измамнички онлајн шеми со лажни видеа креирани преку вештачка интелигенција.
Според него, тие видеа нудат инвестициски совети и понуди кои немаат никаква врска со него и претставуваат дел од измама за погрешно рекламирање.
– Го објавувам ова предупредување, иако обично не го правам на социјалните медиуми, но мислам дека е важно. Мојот тим и јас откривме лажни видеа на некои платформи, создадени со вештачка интелигенција. Тие прикажуваат личност која изгледа и звучи како мене. Овие видеа нудат инвестициски совети и даваат понуди што немаат никаква врска со мене. Ова е дел од шема за погрешно рекламирање. Ве молам имајте предвид, јас не создадов ниту поддржав таква содржина. Ви благодарам за вашата поддршка! – порача Надал преку своите официјални профили.
По завршување на својата блескава тениска кариера, Надал сè повеќе се насочува кон бизнисот. Тој ја отвори сопствената тениска академија, која денес е меѓу најреномираните во светот, лансираше сопствен бренд за облека, а исто така реши да вложи и во хотелската индустрија.